Шчербак: Македонија не дава докази за нашиот дипломат

„Македонската страна не сакаше да ни обезбеди докази за тврдењата за делувањето на нашиот дипломат“, изјави на денешната прес-конференција рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, на која подетално зборуваше за улогата на Велика Британија во потпалувањето на антируската кампања низ светот.

Тој кажа дека Русија ги отфрла сите обвинувања за случајот „Скрипал“ со труење на татко и ќерка руски државјани во британскиот град Солзбери.

„За жал, британските власти, наспроти сите акти на меѓународното право, ги одбиваат сите повици за истрага и поведуваат голема меѓународна кампања против нас и неосновано протеруваат руски дипломати од повеќе земји од светот и најавуваат санкции“, рече рускиот амбасадор.

Пред почетокот на средбата со новинарите, на барање на амбасадорот Шчербак, со минута молк им беше одадена почит на жртвите од трагедијата во сибирскиот град Кемерово, каде што во пожар во трговски центар загинаа 64 лица, од кои 31 беа деца.

Македонското МНР во понеделникот објави дека протерува еден руски дипломат во консултации со ЕУ и НАТО, а во солидарност со Велика Британија поради случајот „Скрипал“. Шефот на дипломатијата Никола Димитров еден ден подоцна рече дека протерувањето е и поради заштита на безбедносните интереси на земјава, објаснувајќи дека дипломатот излегол од рамките на својот мандат и се обидел да се здобие со класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.