Јачева-Улчар: Нема кој друг да се грижи за македонскиот јазик!

„Од најмала возраст кај младите луѓе треба да се негува љубовта спрема македонскиот јазик и да се развива свеста дека македонскиот јазик е со многу мал зборувачи и дека ако ние не го негуваме и чуваме, нема кој друг да го прави тоа наместо нас. За да се подигне јазичната култура и во основното и во средното образование, треба многу помалку учење за јазикот, односно, помалку граматика, а повеќе пишување, читање и пеење на јазикот и свртување повеќе кон националните книжевни достоинства“, вели во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, по повод 21-ви Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, професор д-р Елка Јачева – Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Според д-р Јачева-Улчар, има многу работи што треба да се направат за заштита и афирмација на македонскиот јазик.

„Државата ќе треба да посвети поголемо внимание и да обезбеди повеќе средства за поттикнување на научни проекти од национално значење, со што би се пополниле празнините кои постојат во македонската наука за јазикот (непостоење Електронски корпус на македонскиот јазик, Академска граматика на македонскиот јазик, Етимолошки речник на македонскиот јазик, повеќе двојазични речници, нови дијалектолошки истражувања, особено на оние наши говори кои се наоѓаат надвор од границите на нашата држава…)“, смета Јачева-Улчар.

„Час-поскоро би требало повторно да се активира работата на Комисијата за полагање лекторски испит, која повеќе од две години не работи, како и на Советот за македонски јазик кој претставува советодавно тело на Владата на Република Македонија (мандатот на членовите на последниот состав на Советот за македонски јазик им истече во мај 2016 година!).

Во овој контекст од особена важност е и формирањето на Комисија за стандардизација на географските имиња, со чија работа ќе се помогне решавањето на проблемите што ги имаме со топонимите не само внатре во земјата, туку и со вештачки наметнатиот проблем со името на нашата земја, со кој се соочуваме повеќе од две децении во рамките на меѓународната заедница“, се препораките, кои д-р Елка Јачева-Улчар ги посочува како суштински.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, УНЕСКО го прогласи на Генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година, 21 февруари е промовиран и како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам. Во 1998 година стапи во сила Европската повелба за заштита на регионалните и малцинските јазици со која, исто така, се потенцира лингвистичката разновидност и повеќејазичноста.