Јункер негира: На ниту една земја не ѝ ветив датум за влез во ЕУ

ФОТО: РОЈТЕРС
Loading...

Претседателот на Европска комисија, Жан Клод-Јункер, изјави дека никому не ветил датум за приклучување во Европска унија.

„За мене е важна суштината, а не одредувањето датуми. Термините ме интересираат, но не на таков начин за да ја заборавам суштината на преговорите“, истакна Јункер за „Дојче веле“, додавајќи дека условите за членство мора да бидат исполнети.

„Во тоа спаѓа и дека сите држави од Западен Балкан мора да ги решат граничните спорови. Не можеме во ЕУ да увезуваме гранични спорови. Мора да донесеме стабилност во регионот, но не сакаме за возврат да добиеме нестабилност. ЕУ е заедница и на вредности. Правна држава, човекови права и слобода на медиумите, тоа се теми кои понекогаш морам малку подобро да ги објаснам“, нагласи Јункер.

Првиот човек на Европска комисија наведе дека во ЕУ постои умор од проширувањето, но оти на земјите од Западен Балкан им е потребна силна европска перспектива и треба да им се овозможи пристап. Тој повтори дека ЕК и земјите-членки ги оценуваат кандидатите врз основа на нивните сопствени заслуги и оти личната иницијатива е многу важна.

„Ние не можеме да наметнуваме проширување, никого не принудуваме да пристапи во ЕУ. Тој што нема да покаже лична иницијатива, има мали изгледи да стане членка на ЕУ. Секој мора сам да се потруди. ЕУ не може да го носи товарот на земјата-кандидат. Не, тие сами мораат да ги средат работите“, посочи Јункер за „Дојче веле“.