Ќе го злоупотреби ли Ципрас колегата Заев? – Колумна на Горан Момироски

Loading...

Информациите од Грција говорат дека кај јужниот сосед паралелно се случуваат неколку сериозни процеси кои укажуваат на опасност од сценарио кое не и одговара на Македонија која може сериозно да настрада во политичкиот вртлог што го создава премиерот Ципрас.

Иако за голем дел од граѓаните Македонија нема да настрада туку ќе се спаси од промена на името и идентитетот, сепак објективно е дека Заев и целата влада можат да бидат жртви на една голема измама на грчкиот државен врв пред кој прифатија географска одредница без притоа да добијат никаква отстапка.

Причините за сомнеж дека ова навистина може да се случи се јасни, во Грција дури и јавно се зборува дека земјата може да оди на предвремени избори со што дефинитивно можат да пропаднат преговорите за името.

Според сценариото што се анализира во Атина премиерот Ципрас има три шанси за да ја поврати политичката сила и рејтингот кој сега според анкетите е во минусно салдо од 12 до 14 проценти. Иако неретко во Грција имаше погрешни анкети и тие не мора и сега да се точни сепак на грчкиот премиер му требаат тектонски промени за да дојде во можност да победи и затоа сега кога коцките се споија тој нема да ја пропушти шансата без разлика на интересот на Македонија и на западните сили.

Во сценариото за нова победа на Ципрас има три вонредни и една одамна веќе испланирана пропаганда операција кои треба да помогнат да се изедначи рејтингот на СИРИЗА и Неа Демократија.

Старата операција е испланирана уште пред две години кога Ципрас се договори со европските партнери за возврат за спроведување на ригидните мерки на штедење да добие олеснување на една година пред изборите и да може да троши повеќе на социјални трансфери за да ја врати довербата од граѓаните. Со објавување на наводни „успеси“ во економијата и послаб мониторинг од кредиторите Ципрас пред изборите треба да прикаже подобра економска состојба што ќе му даде подобра позиција на гласањето.

Трите други операции кои треба да му донесат поени на Ципрас се Аферата Новартис, спорот за името и судирот со Турција.

Турција

Острата изјавата на пртпаролот на грчката влада Ѕанакопулос дека Грција е подготвена до крај да се бори за своите територии по инцидентот кај островот Имиа каде што вчера се судрија брод на турската морнарица и пловило на грчката крајбрежна стража, може да е дел од ова сценарио.

Иако пред 5 години екс премиерот Симмитис на конференција во Бон изјави дека воен судир меѓу Грција и Турција ќе заврши за два часа, алудирајќи дека неговата земја брзо ќа загуби а во исто време и Ципрас е пацифист кој не би отишол во војна со Турција, јасно е дека се работи за билдање на патриотизмот со цел засилување на рејтиннгот на Ципрас и неговата партија.

„Непопустливите“ ставови на Ципрас чиј министер за одбрана Каменос без никаква причина креираше нова тензија во Егејот со ненајавена посета на Имиа, треба да го прикаже Ципрас и како миротворец но и како силен лидер кој е подготвен за битка со сите за да „ја спаси“ државата. Според сценариото Каменос требало да ја зоврие ситуацијата а Ципрас да ја спаси земјата со некаков договор , се разбира од интерес за Грција и пред се во интерес на неговиот рејтинг.

Новартис

Аферата Новартис е другата операција која што ја отвора сега премиерот Ципрас со единствена цел да се покаже дека двајца екс премиери и 8 министри од кои некој сеуште се активни политичари во Неа Демократија се виновни за висока корупција. Ципрас сега сака да го стави својот ривал Мицотакис да се огради од своите сопартијци а граѓаните да ги увери дека Неа Демократија е партија која функционира на коруптивни основи. Отворањето на оваа афера токму сега иако за неа се знаеше одмамна е уште еден сигнал дека Грција наскоро може да оди во избори. Според експертите секоја голема афера со која се напаѓаат противниците се отвора на 90 до 100 дена пред избори за да има време да се ефектуира на денот на гласањето.

Македонија

Иако засега преговорите одат добро и сите се задоволни од напредокот, дури некои политички претставници како Лавентис од Унијата на центристите и Груби од ДУИ рекоа дека договорот е веќе паднат, сепак финишот е сеуште далеку. Информациите од Грција велат дека во математиката за името Ципрас нема да добие ништо доколку го затвори спорот со Македонија а може многу да загуби ако го реши.
Според едно од сценаријата за кои се зборува во Атина, Грција до крај треба да се прикаже како конструктивен партнер подготвен за компромис а кога Македонија нема да може ги прифати фантастичните барања за промена на идентитетот и уставот, да ја сврти плочата и да се повлече од преговорите со што пропаѓа нашиот план за влез во НАТО и почеток на преговори за влез во ЕУ.

Во ваков развој на настаните Ципрас со брзо „салто мортале“ ќе се прикаже како историски заштитник на грчките интереси и спасител на „Грчка Македонија“. Со тоа практично Ципрас ќе го остави на цедило својот колега Заев со кој слатко се смееа во Давос и со кој навидум успеваат да ја сменат негативната атмосфера што постоела секогаш меѓу двете земји.

Со поените добиени од спасот на Грчка Македонија, корупцискиот скандал Новартис и цврстиот став кон моќниот сосед Турција, Ципрас има реални шанси заедно со долевање на сериозни државни пари во кампањата да остане на чело на грчката влада во наредниве 4 години.

Само еден од овие фактори да не е присутен во редовниот термин за избори догодина во април Ципрас има значително помали шанси да се врати во игра.

За голем дел од македонските граѓани ова сценарио е попосакувано од другото со решение на спорот за кое се тврди дека е реално. Практично најмалку половината од Македонците како последна надеж им остануваат непопустливите грчки ставови според Македонија мора да добие ново име, устав и идентитет.