Постојат многу индиции кои укажуваат дека истанбулскиот музеј Аја Софија наскоро би можел да се користи како џамија. Ова доаѓа по Рамазанските празници во кои втора година по ред, во Света Софија муслиманите учеа делови од Куранот.

Управата за верски работи на Република Турција втор пат во Аја Софија за време на Рамазан организираше заедничка молитва и учењето на Куранот. Молитвите и учењето се пренесуваа во живо телевизија.

Инаку, Аја Софија повеќе од 80 години е музеј.

Турски националистички групи веќе долго време се обидуваат да го претворат музејот во џамија, занемарувајќи ја богатата историја на објектот. Аја Софија е изградена во 537. година за време на владеењето на византискиот цар Јустинијан. Речиси илјада години се користеше како црква, се до 1453. година кога султанот Мехмед II го зазеде Константинопол и Аја Софија ја пренамени во џамија. На објектот поставен на четири столбови кои ја носат куполата со дијаметар од 32 метри и на висина од 65 метри потоа се доизградени четири минариња.

Зградата оттогаш, речиси 500. години им служеше на побожните муслимани кои ја користеа за вршење на верски обреди. Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Турската Република, во 1935. година наредил Аја Софија да се трансформира во музеј како симбол на определбата Турција да стане секуларна држава.

Грчката влада вчера испрати остри критики за религиозните церемонии во Аја Софија со потсетување дека “Света Софија е на листата на светско наследство на УНЕСКО” и дека ставањето во функција на џамија е навреда за меѓународната заедница.

Владејачката партија на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган веднаш реагираше на критиките од Грција со став кој покажува промена на долгогодишниот однос кон прашањето за Аја Софија.

“Наместо на турскиот народ и му го честита Рамазан грчкото Министерство за надворешни работи сега решило да размислува за учењето на Куранот”, одговара со изјава турското министерство за надворешни работи.

Партијата АКП не беше секогаш со овој став. Нејзиниот претседател, претседателот на Ердоган, пред неколку години имаше сосема различно мислење околу ова. Тој тогаш велеше дека оние кои имаат потреба Аја Софија повторно стане џамија прво треба да најдат начин како да се изградат други џамии во Истанбул.

 

SHARE