Генерации спортисти, екипи од сите области, селекции во најразновидни возрасти ја сонувале шансата што ја има машката ракометна секција на Вардар. Таа денеска во Келн е дел од Финалниот турнир и ќе игра полуфинале од Лигата на шампионите против Барселона. Средбата од 18 часот во Ланксес арената е сама по себе историја и огромен успех за кој се потрошија многу сили, нерви и емоции, кај редица добри, одлични играчи, и уште повеќе кај фанатични навивачи.
Настапот во завршницата е достигнување за респект, па финалето не е императив како што е кај противникот, деветкратниот првак на континентот во чии редови се нашите Кире Лазаров и Борко Ристовски. Тоа што Вардар е за нијанса порастоварен е две нијанси предност и се се чини истата да биде искористена.

“Никогаш не се знае. Успеавме да стигнеме до најдобрите четири во Лигата на шампионите. Нашата мисија е да се победи првиот натпревар. За финалето сега се уште не размислуваме. Другите имаат поголемо искуство од нас, но ние сме подготвени да се наметнеме“, вели тренерот на Вардар, Раул Гонзалез кој од вчера и официјално е најдобриот тренер на клупската ракометна сцена.

“Го знаеме реномето на Барселона, па и на другите противници. Ние сме дебитанти, но тоа не мора ништо да значи. Еден натпревар е и се е можно”, додава кружниот напаѓач Стојанче Стоилов.

Средбата Вардар-Барселона е од 18 часот, а во првото полуфинално одмерување Веспрем ќе се сретне со ПСЖ. Фаворитите тешко се одредуваат пред вакви настани, а коефицинетите на обложувалниците даваат слика за Барселона (1.85) и ПСЖ (1.60) како фаворити.

SHARE