Ќосето е само почеток на демонтирањето на „Скопје 2014“, најави Грчев

Loading...
Отстранувањето на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето од пред Судска палата е само почеток на бришењето на проектот „Скопје 2014“, потврди за телевизија Алфа првиот човек на Комисијата при Министерство за култура, Мирослав Грчев.
По Ќосето следни на ред за демонтирање се споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“ и споменикот на Мајка Тереза, чија градба е веќе стопирана и за нив веќе се готови елаборатите, како и „Порта Македонија“.
Од вчера е предаден за мислење и елаборатот за споменикот на Филип Втори, „печен“ за ликвидација е и споменикот на плоштадот ВМРО, а одговорност ќе се барало и за фасадите во центарот на градот.
И тоа не е сè, туку спорни се и триесетина скулптури поставени во периодот од 2008 до 2010 година, чиј грев, заедно со најголемиот дел од проектот, е што, бил прекршен Уставот и што ненаменски биле трошени средства за нив, објаснува некогашниот градоначалник на општина Центар.
Од друга страна, дивоградбите „Скендербег“ и двата „орла“ со натписот УЧК не се „интересни“ за Комисијата, бидејќи тие биле „друга приказна“, според Грчев.