АА: Заев да не навредува и да научи со кого коалицира во владата

Претставници на Алијансата на Албанците  реагираат на изјавата на премиерот Зоран Заев во која тој вчера зборуваше за локалните коалиции на овие избори.

За членовите на Алијансата легитимен е ставот на лидерот на СДСМ дека државната и локалната власт се различни категории и дека секоја партија има право на локално ниво да го бира својот партнер како што СДСМ ја избра ДУИ, но им пречи тоа што тој не го знае точниот назив на својот коалиционен партнер во владата.

Премиерот вчера во изјавата рече дека „е многу легитимно што Зијадин Села или ДПА за реформи како што тој ја нарекува Алијанса за Албанците, влегоа во коалиција со БЕСА“.

„Навредливо е за лидерот Села и за сите Албанци премиерот да не знае дека официјално регистрирано име на партијата со која тој е во владината коалиција е „Алијанса на Албанците“ кој што е посебен правен субјект од пред месец и половина . Заев мора да знае дека ДПА- Движење за реформи веќе не постои на политичката мапа“, велат извори во Алијансата кои што не ја отфрлаат опцијата по изборите партијата да размислува за останување или заминување од владата.

Партијата Алијанса за Албанците на Зијадин Села е регистрирана на 7 септември 2017, со адреса во Тетово, додека коалицијата „Алијанса за Албанците“ составена од Народната Демократска Партија и движењето Унитети е регистрирана седум дена подоцна, односно на 14 септември со адреса во Чаир. Против користењето на оваа коалиција на исто име и амблем на избирачките листи Села веќе поднесол кривична пријава до Управниот суд.

Доколку коалицијата со БЕСА даде добар резултат а кандидатите на двете партии освојат повеќе гласови и градоначалнички места од локалната коалиција ДУИ – СДСМ тогаш ќе има нова политичка реалност која што ќе мора да се почитува од сите, велат изворите на expres.mk.