Албанскиот претседател Мета заигра македонско оро во Пустец!

Порачувајќи дека македонското малцинство е богатство за Албанија, албанскиот претседател Илир Мета за време на денешната посета на Пустец и на дело ја покажа почитта кон Македонците, фаќајќи се на македонско оро.

„Моето внимание кон македонското малцинство ќе биде секој ден за време на мојот мандат. Горди сме на вредностите на македонското малцинство, кое е богатство за Албанија. Ве уверувам дека ќе дадам сè од себе и ќе ги поддржувам сите ваши напори за зачувување на вашиот прекрасен идентитет, традиции и вредности. Сите ние треба да соработуваме со Општина Пустец за таа да биде меѓу најпросперитетните“, изјави тој пред жителите на единствената општина во Албанија со градоначалник Македонец.

„Во рамките на одбележувањето на значајни историски личности и настани, годинава ќе биде и во знакот на оддавање почит на познатиот писател по потекло од овој крај Стерјо Спасе, синот на македонската етничка заедница, чија куќа во селото Глобочани ќе биде реставрирана и претворена во музеј. Покрај тоа, ќе работиме на тоа да се мотивираат талентираните, посебно младите, да останат тука и да придонесат за претворањето на оваа област во важен регионален економски и туристички центар“, додаде тој.

Во отсуство на градоначалникот Едмонд Темелко, претседателот на Албанија го пречекаа заменик-градоначалникот Андон Јани, претседателката на Совет на општина Пустец, Ирена Василовски, советници и претставници на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Мета ја посети и црквата „Свети Архангел Михаил“, каде што запали свеќи за здравје и ги честиташе денешниот празник Св. Наум и божикните празници.