Македонската сениорска фудбалска репрезентација се уште не е комплетна, а селекторот Игор Ангеловски се уште е во исчекување на ударниот напаѓачки тандем Пандев-Несторовски. Покрај нив на подготовките за дуелите со Турција на 5. јуни и со Шпанија на 11. јуни, кои започнаа пред два дена и се одвиваат во тренинг кампот Петар Милошевски, од повиканите недостасуваат и Алиовски, Ристовски и Стјепановиќ.

“Турција е фудбалска велесила и ќе биде мотив за сите играчи. Реков дека и на пријателски дуели сакам да играм против квалитетни селекции. Не смееме однапред да се предадеме, мора да го дадеме максимумот. Имаме препознатлива игра која во последните мечеви почна да носи и резултати“, рече селекторот Игор Ангеловски во изјава за сјатот на ФФМ.

Во последните два официјални натпревара А селекцијата на Македонија славеше со Лихтенштајн на гости и со Белорусија дома, и во двата наврата со по 3-0, што значеше и прекин на долгата низа натпревари без триумф. И во јунските термини црвено-жолтите имаат иста комбинација, една пријателска со Турција в понеделник (19.45) и една официјална средба од квалификациите за СП против Шпанија на 11. јуни (20.45). Двата меча се играат на Телеком арената во Скопје.