Бугарски европратеник: Писмото на МПЦ до БПЦ е револуционерно

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев го оцени како револуционерно писмото од Македонска православна црква – Охридска архиепископија до Бугарска православна црква, барајќи од неа да ја признае и на тој начин да ѝ стане црква-мајка.

„Тоа е исклучително позитивно и би рекол дека писмото на Македонската архиепископија е револуционерно. Во овој исклучително поволен политички момент меѓу двете земји тоа ќе биде многу добар сигнал. Се надевам дека нашиот Синод ќе одговори и ќе им подаде рака на нашите собраќа“, изјави Ковачев во интервјуто за бугарската агенција „Монитор“.

Пратеникот во Европски парламент од редовите на партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, смета дека БПЦ не треба да ја загрижува евентуалното затегнување на односите со други цркви ако ја признае МПЦ-ОА.

„Не треба да се сообразуваме со други. Сепак, станува збор за нашите собраќа. Би требало да си го гледаме нашиот интерес. Не гледам зошто некој треба да с ечувствува засегнат од оваа ситуација. Писмото е голем знак, уникатна можност во овој поволен политички момент да ја прифатиме подадената рака од Македонија. Се разбира, овде го изразувам моето лично мислење, одлуката е на Синодот“, додава Ковачев.

Според него, постигнатиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка „означува нова етапа во односите меѓу Бугарија и Македонија“.

„Сè што нè разделуваше останува во минатото. Сега ќе се насочиме кон иднината, како земји со заедничка историја. Се надевам дека по извесно време ќе имаме и заедничка иднина во Европска унија“, заклучува Ковачев, според кој Договорот е само прв чекор, а сега тој треба да се исполни со содржина.