Бугарски историчар: Шансите БПЦ да ѝ стане мајка на МПЦ се 60:40

Горан Благоев, бугарски историчар и новинар во интервју за приватната телевизија БТВ оцени дека шансите за признавање на Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од Бугарска православна црква (БПЦ) се 60:40.

„Според мои извори, до петокот односот на Синодот кон македонското писмо беше 50:50, а по неговото објавување во бугарската јавност поддршката се зголеми на 60:40 во полза на барањето од писмото“, изјави Благоев, давајќи поддршка за таквиот чекор. „Бугарската црква не само што треба да се ангажира за да отпадне шизмата (врз МПЦ-ОА – нз.), таа треба да ја прифати подадената рака. Тоа е исто како да сме во ситуација едно дете да отиде на вратата на една жена и да ѝ каже: ‘Ти си ми мајка’, а таа да рече: ‘Не, јас ќе ги прашам соседите дали сум ти мајка’. Разбирате ли колку е шизофрено тоа? Многу луѓе посакуваат да ја пропуштиме оваа историска шанса. Постојат сите изгледи да ја пропуштиме, тоа е факт, но се надевам дека има мудрост во Светиот синод на 27 ноември да не отфрли еден неизоставен дел од нашето духовно пространство, од нашето заедничко црковно минато, туку ќе собере сила, мудрост и храброст. Многу тешки моменти ќе следуваат за Бугарската црква ако ја прифати подадената рака на Македонската архиепископија, но исклучително важно е нашата црква да го направи тој чекор и, се разбира, да има силна поткрепа од бугарското општество“.

Новинарот на државната Бугарска национална телевизија (БНТ) ја охрабрува БПЦ да не се плаши од шизма ако ја признае МПЦ-ОА и на тој начин ѝ стане црква-мајка.

„Под шизма може да нè стави Вселенска патријаршија, но мислам дека таа нема да се осмели, иако гркојазичниот свет не е подготвен да признае црква што се нарекува Македонска. Ние сме тие што треба да го поведеме орото. Не верувам да нè стават под шизма, бидејќи ние и без тоа досега сме докажале дека сме под сферата на влијание на Руската црква. Ако нè стават под шизма, само ќе ја потврдат таа фактичка состојба“, вели Благоев.