Ванковска: Дискасити не е она за што се боревме

Професорката Билјана Ванковска на својот профил на „Фејсбук“ се осврнува на синоќешниот семакедонски собир за името во Скопје, го најавува тој в недела на плоштад „Македонија“, а не го заборава ни веќе историското „дискасити“ од интервјуто на премиерот Зоран Заев за „Јуроњуз“.

„Обидите за сатанизација на демократското право на мирен собир, сите притисоци кои беа извршени, заедно со медиумскиот молк (или евентуално издвојување на инцидент од типот на запалено едно грчко знаме), а во контраст на она што синоќа се случуваше во Скопје, треба да биде доживеано како голема морална победа на македонскиот граѓанин. В недела ќе се собереме на малку поинаков собир: за да покажеме дека демократија и слобода на говор и мирно собирање не уживаат само Македонците надвор од Македонија, туку дека и ние тука имаме храброст да се спротивставиме на сите притисоци, кои ни велат дека било национализам ако не дозволуваш да те силуваат (во здрав ум). Ние никако не можеме и не сакаме да се споредуваме по бројка или нешто друго со иредентистичките и националистички собири во Грција (земја со 10 милиони граѓани), на кои се извикува ‘Македонија е грчка’. Ние, колкумина и да сме, од оваа единствена земјичка што ја имаме, ќе порачаме ‘Туѓо не сакаме, ама своето не го даваме’ (колку ова и да ве враќа во други времиња, пораката е таа).
Се гледаме в недела! Зошто, ако нè нема на плоштадот ‘Македонија’, во време кога низ цел свет ќе се собираат Македонците, тоа ќе значи дека живееме во страховлада! Не верувам дека човек со здрав разум би прифатил да му сменат личен опис на сила. Ова го сфаќаат сите, освен оние кои веруваат во човекот наречен ‘дискасити’. Би сакала да ги видам и студентите излезени, бидејќи Дискасити не е она за што се боревме, ниту полициска држава во која полицајците и разузнавачите само ги сменија газдите.
Патем, знам дека ми ја следат комуникацијата, ама не ми чуе! Сето тоа би го кажала и во камера и во микрофон. ???? Нека не арчат пари од даночни обврзници на професори! Срамота е! И џабе им е!“, порача Ванковска.