Ракометарите на Вардар попладнево се помачија, но го добија мечот против Пик Сегед со 34-30 што значи дека е направен клучниот исчекор кон првото место или задржување на истото на крајот од натпреварите во групата А од Лигата на шампионите. Како што стоеше и во најавата, тешка и квалитетна средба, добар противник кој постојано се закануваше што, пак беше добро за сите во Јане Сандански зошто го извлече најдоброто од скопјани кои освен во почетните 20 минути, постојно водеа, на моменти и со пет разлика. Мечот сепак, се кршеше во завршницата кога по 30-29 нашиот тим стегна, пред се во одбраната и направи серија од 3-0 што потоа ни ја донесе деветтата победа во 12 кола. Најдобар поединец во Вардар беше Тимур Дибиров со 11 гола и со шут од поле 11 од 12. Лука Циндриќ постигна шест погодоци, колку што даде и најефикасниот гостински ракометар Сршен.

Вардар го победи Пик Сегед со 34-30 и сега е напред на табелата во првата група од машкиот шампионски натпревар. Трите бода разлика во однос на Нант треба да се доволни за задржување на посакуваната позиција која овозможува прескокнување на првата елиминациска рунда и директен пласман во четвртфиналето кое, пак, е на само чекор од Фајнал форот. Вардар следната недела оди токму кај Нант, но во последниот круг игра дома со Висла Плок.