Вечниот Верушевски повторно во игра како жртва на ВМРО – ДПМНЕ

Човекот што во неколку наврати беше шеф на различни безбедносни структури во времето на Бранко Црвенковски повторно е дел од партиски комбинаторики за висока фунција.

Лидерот на СДСМ и мандатар, Зоран Заев, размислува во новата влада да го вклучи и поранешниот шеф на тајната полиција, Зоран Верушевски, како прв човек на некој од безбедносните ресори или сектори, дознава Фокус од високи партиски извори.

Според нив, Верушевски беше една од жртвите на режимот, поради кој одлежа нецела година во притвор во рамки на монтираниот случај Пуч, па преку неговото именување или назначување Заев би пратил најсилна порака во борбата против криминалот и мафијата во државата.

Доколку лидерот на СДСМ дефинитивно одлучи Верушевски да влезе во неговата влада, спроед нашите извори, тој најверојатно ќе застане на чело на Управата за безбедност и контраразузнавање, со оглед дека веќе има искуство вршејќи ја оваа функција и воедно важи за експерт токму во оваа област.

Другата можност е да биде министер за внатреши работи, меѓутоа, истакнуваат нашите соговорници, за оваа позиција во поголема предност е Оливер Спасовски, кој ја има поддршката од најголемиот дел од партиското раководство, од причина што го водел министерството во најтурбулентиот период кога функционираше техничка влада.

Ако Спасовски повторно стане прв човек на полицијата, додаваат тие, тогаш тој сигурно ќе ја напушти високата партиска функција како генерален секретар, за да може целосно да се посвети на професионалните задачи, без да троши време и енергија на партиски активности и работа на терен.

Во таква ситуација, најсериозен кандидат за нов генерален секретар е шефот на кабинет на Заев – Љубчо Николовски, кој, ако стане прв партиски оперативец, нема да се врати во министерството на земјоделство, каде беше дополнителен заменик-министер, туку ќе остане пратеник, што дозволува поголема слобода за партиските задачи.

Веќе објавивме дека заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска, е една од најреалните опции да го предводи министерството за одбрана, во период кога постојат големи шанси Македонија да стане членка на НАТО без претходно да го реши спорот за името со Грција, ама да направи прогрес во демократскиот и реформскиот процес.

Во игра за извршната власт уште влегуваат и Рената Десковска – Треневска, Дамјан Манчевски, Петар Атанасов, Фросина Ременски, Александар Кирацовски, Драган Тевдовски, Кире Наумов и други, но дали тоа ќе се случи, велат добро упатени извори, зависи од распределбата на ресори меѓу коалициските партнери, како и од внатрепартиската одлука дали некои од нив е подобро да истрчаат во матичните општини на локалните избори.

Официјално, од партијата велат дека ништо не е конечно и сигурно околу ниту една јавна или партиска функција, се додека не завршат преговорите за нова влада, односно не помине конгресот на крајот на неделата, освен тоа што Заев ќе биде нов премиер и ќе биде реизбран за партиски лидер.