Во Гентофте, Данска каде што се одржуваше завршниот турнир вечерва бевме далеку од тоа што сме, што на победникот Украина и овозможи лесна победа од 3-1 која уште полесно можеше да биде и 3-0, зошто нашиот добиен сет, а тој беше во третиот дел, одеше на разлика и заврши со 26-24. Но не вредеше, и тоа беше се од нас во финалето во кое тргнавме многу лошо и првиот сет го загубивме со 25-15, по што делумно се вративме, но недоволно, само за 25-22, и високи и убедливи 2-0 за противникот.

Кога во следниот сет намаливме на 2-1 помисливме дека е можен комплетен пресврт како вчера во полуфиналето против Данска кога од 0-2, дојдовме до 3-2 и до финалето, но Украинците јасно во четвртиот сет ни покажаа дека таков масивен камбек нема да дозволат. Рано поведоа со 5 разлика, на вториот технички тајм аут имаа и седум поени предност, што потоа беше невозможно да се стигне, па за конечните 3-1 Украина заокружи со 25-13.


Штета за извонредните македонски одбојкари кои имаа седум победи по ред до вечерва и на крајот завршуваат дури и со подобар биланс од новиот победник во Европската лига, Украина. Ние губиме трет пат по ред во финалните средби, што е вистинска непогода за овдешните поклоници на овој спорт.
Македонските одбојкари загубија од Украина во финалето на Европската лига со 3-1 и сезоната ја завршија како втори. Зад нас е Шведска која попладнево во предградието на Копенхаген, Гентофте го доби мечот за третото место против Данска со истите 3-1.