Груевски правел искрени напори за договор со Бугарија, призна премиерот

Премиерот Заев смета дека владата на ВМРО – ДПМНЕ правела искрени напори за потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија. Од парламентарната говорница  денеска премиерот рече дека предходната влада била со сериозна фаза на преговорите и тој тоа го поздравува.

„Бугарија е првата земја што ја призна Република Македонија под уставото име. Јас очекувам преку овој договор за којшто претходната власт правеше искрени напори и видов до каде се стигнати, а за што немав никогаш информации како шеф на опозицијата. Видов дека се стигнати во сериозна фаза и тоа го поздравувам. Требаше веќе да го завршиме, ги знам и разговорите и на поранешното раководство на Владата на РМ, информиран сум процедурално онака како што личи, за се. Бугарија преку овој договор сака искрено да ги тргне тегобите коишто постоеле помеѓу два соседа за да ја поддржи Македонија на својот пат кон ЕУ“, рече Заев.

Во врска со договорот за кој јавноста доби чувство дека е речиси сигурен премиерот денеска остави простор дека и покрај оптимизмот може да не биде потпишан. Ако биде потпишан тоа ќе биде сторено во три јазични верзии – англиска, македонска и бугарска.

„Ако биде договорен, ќе биде потпишан и на нашиот официјален македонски јазик и ќе стои потписот на премиерот на Бугарија. Тоа е важна работа за Македонија, тоа е признавање на нашиот јазик“ изјави премиерот на денешната собраниска седница одговорајќи на обвинувањата од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека се крие содржината на договорот затоа што е спротивен на македонските национални и државни интереси.