Во судот бојкотираат, во Куманово оставија деца без татковци и вдовици

Обвинетите за убиството на 8 македонски полицајци денеска на судењето за Диво Насеље покажаа цинизам од невидени размери пред се пред семејствата и најблиските на убиените.

Убијците на македонските полицајци кои во Куманово дојдоа со калашњикови и рачни фрлачи денеска бараа правда и повторно се претставуваа како жртви.

Први се побунија Дем Шеху и Шефкет Калачи ­кои беа незадоволни од одлуката на судијката која ги одби нивните предлози за Диво Насеље да сведочат политичари.

Во обид да се претстават за жртви на политика тие побараа во судот да дојдат Ахмети, Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Чавков, Муса Џафери, Садула Дураку, Артан Груби.

Откако првите двајца одбија мирно да учествуваат во судењето  судијката ги отстрани од судница  по што со нив се солидаризираа и останатите.

Самите ги ставаа рацете на грб и бараа полицајците да им стават лисици и да ги изнесат од судницата, по што не седнуваа додека судијката Верка Петковска, не издаде таква наредба.

Атмосферата на моменти беше напната и нервозна, во судницата се слушаа врескања а наглото станување на по неколку обвинети одеднаш предизвикуваше нервоза кај полицајците кои што го обезбедуваат судењето.

Дел од нив не сакаа да одговараат зошто без татковци, сопрузи, синови и браќа оставија 8 семејства и порачаа дека не го признаваат судот тврдејќи дека им се случува неправда.

Обвинетите тврдат дека некој ги организирал да дојдат во Куманово и да започнат вооружен судир со македонската полиција но досега во текот на судењето одбраната не даде ниту еден аргумент или доказ дека такво нешто навистина се случило.