Селекторот на ракометната репрезентација на Словенија, Веселин Вујовиќ, сликовито објасни каков удар за неговата селекција се повредите на тројца клучни играчи во пресрет на Европското првенство во Хрватска и дуелот со Македонија.

„Новата година почна лошо. Повредата на Габер ги уништи моите планови. Сè уште не знаеме дали Јуре Доленец и Ник Хенигман ќе бидат подготвени. Замислете ја Македонија без Лазаров, Миркуловски и Стоилов. Би била речиси смешна. Сепак, ние не се откажуваме. Ме знаете, секогаш сакам да победам со секој тим. Ќе видиме. Доленец треба да оди на преглед в понеделник во Барселона. Хенигман постигнува добар напредок, но ЕП е многу блиску. Не ме разбирајте погрешно, не сакам да барам изговор. За мене, оние што се тука се најдобрите. Ќе измислиме нешто“, изјави Вујовиќ, кој токму против Словенија ја водеше Македонија во баражот за ЕП 2008.

На местото на Габер тој го повика Матиц Сухолежник, кружен напаѓач на Целје.

Македонија и Словенија ќе се сретнат на 13 јануари од 19:30 часот во Загреб. Два дена подоцна од 20:30 ч. избраниците на селекторот Раул Гонзалес во рамките на групата Ц ќе ги одмерат силите со Црна Гора, а на 17 јануари од 18:15 ч. со Германија. Понатаму одат првите три селекции, кои во вториот круг ќе вкрстат со трите најдобри од групата Д, во која се Шпанија, Данска, Чешка и Унгарија.