Груевски: Џафери да се извини за шверцерското носење на законот за јазици

Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го повика парламентарниот спикер Талат Џафери да се извини за начинот на кој беше „донесен“ Законот за употреба на јазиците.

„Талат Џафери треба да им се извини и на македонската и на албанската јавност поради тоа што на шверцерски начин донел закон што ги засега токму албанските граѓани. Процедурата при носењето на законот е прекршена, а законот е противуставен“, изјави поранешниот македонски премиер на паузата од судењето за случајот „ТНТ“.

Тој отфрла намера да предизвика инцидент со Џафери при обидот да се гласа без да се отвори расправа за преку 35.000 амандмани на опозицијата на членовите на Законот оспорени од претседателот Ѓорге Иванов, кој стави вето по првото изгласување и најави дека нема да го потпише указот ни по второто.

„Ние немавме некаква стратегија да правиме проблем. Секој од нас реагираше онака како што сметаше дека треба да реагира. Не бевме ние договорени дека ќе излезем, вака ќе правиме, така. Ние отидовме на седница да продолжи седницата, сè уште верувајќи дека че преовлада разумот. Но, кога видовме дека ѓаволот ја однел шегата, дека разумот заминал, тогаш секој од нас реагираше така како што смета.

Јас немав намера физички да се пресметувам. Ако добро погледнете од снимката, господинот Џафери беше тој којшто почна со неговата рака да ме турка или да ме фати за рака, на што само одмавнав со рака и го отфрлив неговиот обид за физичко туркање. И тоа беше сè“, објасни Груевски.