При променливи временски услови, какви што владеат деновиве во земјава, едно од најважните прашања е, дали ги исклучивте апаратите кога грми?
Згрми ли, ги гасиме телевизорот и компјутерот, ги затвораме прозорците, се засолнуваме на затворено, ако сме надвор… Но, дали е доволно?

Што е со мобилниот?
Веќе знаеме дека треба да исклучиме сé што е електронско, но малкумина го прават тоа со мобилните телефони. На кратко, научниците се поделени околу тоа дали телефоните привлекуваат громови, ама сепак се согласуваат дека исклучувањето е побезбедната варијанта.
„Голем ризик е да имате вклучен мобилен телефон, бидејќи е извор на електромагнетни бранови кои го поплочуваат патот за атмосферскиот електрицитет. Кога грми, опасно е секое коло во кое се наоѓа метал. Дури и вградените изолации се често беспомошни – громовите едноставно ги премостуваат“, велат експертите, меѓу кои и стручњаци за облаци и динамичка метеорологија.
Другите пак, сметаат дека самиот телефон и не е така опасен. Зголемено зрачење има само при вклучувањето или гасењето. Ако ги прашате нив, веројатно ќе ви речат дека многу поважна е вашата локација.
Локација
Стоењето на отворен простор каде што претставувате највисока точка во околината е директна опасност. На отворено, громовите најчесто удираат во осамените камења или стебла, но и во луѓе. Исто така, сериозна мета е и секој објект на рамна водена површина. Факт е дека громот знае да удри и во коприва (читај: каде што никој не очекува), но обично луѓето што се наоѓаат меѓу згради не се мета на молњите.
Домашни апарати
За време на невреме, дома не треба да седите близу штекер, ниту пак да чувате запаливи предмети во негова близина. Се разбира, треба и да ги исклучите од струја сите технички апарати. Ако телевизорот има кровна антена, треба да го извлечете кабелот од антената од апаратот. Компјутерите, со сé напојувањето треба да бидат исклучени, а треба да го исклучите и кабелот за фиксниот телефон – или оној за напојување, или самата телефонска линија.