Најмалку 3,4 милиони Романци или 17 проценти од вкупниот број жители се иселиле од државата по нејзиното влегување во Европска унија во 2007 година, што е без преседан во Европа во време на мир. Во истиот период само од разрушената со војна Сирија емигрирал поголем процент граѓани.
Најалармантно е тоа што бројот на млади Романци (меѓу 15 и 29 години) опаднал уште подраматично, намалувајќи се за 28 проценти од 4,86 милиони во 2008 година на 3,52 милиони во 2016 година.
Според „Популациска пирамида“ (Population pyramid.net), вебстраница што собира податоци за населението од различни извори, бројот на жители на Романија се предвидува да падне на 15,2 милиони до 2050 година. Популацијата во земјата достигна врв во 1990 година, кога во Романија живееја 23,49 милиони луѓе.
Додека Романија изгубила речиси една третина од своите млади луѓе, Полска, Чешка и Словачка загубиле малку повеќе од една петтина – Полјаците 21 отсто, а Чесите и Словаците по 19 проценти. Унгарија, пак, се соочила со релативно мал процент млади лица што ја напуштиле земјата – 14 отсто.