Miнистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера потврди дека премиерот Зоран Заев веќе две години бил под постојани закани за атентат.

„Од 2015 година Заев е под постојани закани за атентат. Службите преземаат сериозни мерки за обезбедување на премиерот, но и за сите останати функционери“, рече Спасовски на вчерашниот брифинг со новинарите ,на  кој потенцираше дека премиерот користел многу помало обезбедување за разлика од неговите претходници.

Тој додаде дека досега не примиле директна закана за атентат на премиерот, пренесуваат медиуми.

Во интервју за црногорската АнтенаМ, кое предизвика особен интерес во јавноста, македонскиот премиер пред неколку дена изјави дека Македонија била подготвена за „тежок руски одговор“ поради кандидатурата за влез во НАТО.

„Русија одговори на пристапот на Црна Гора во НАТО, ние сме подготвени за тоа бидејќи мојата земја нема алтернатива. Повторувам – сакаме поблиски врски со Русија.

Сакаме да продадеме домати и зелки и други производи. Но, ние немаме алтернатива. Нашиот избор е ЕУ и НАТО “, рече во интервјуто премиерот Заев, но додаде дека некои аналитичари околу него го предупредувале дека тој „бил на ред“.

„Ако треба нешто да се случи, нека се случи, јас сум прифатил да бидам премиер на мојата земја, а на мојата држава ѝ треба лидер. Подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат моите граѓани и по цена да биде што ќе биде“, изјави Заев.

https://youtu.be/lSkUetFA8DI

Некои домашни медиуми веднаш заклучија дека зад предупредувањата за кои зборуваше македонскиот премиер, стои Русија.

Стеван Гајиќ од Институтот за европски студии во Белград  за „Спутник.Србија“ вели дека Зоран Заев го преувеличувал влијанието на Русија врз Македонија за да оправда (некое) „различно влијание“.

„Ја знаеме улогата на американскиот амбасадор Џес Бејли во неодамнешните настани ….“ рече тој.

Поранешниот македонки амбасадор во Русија, Ристо Никовски, негира дека има руски притисок врз Македонија, додавајќи дека руски официјални лица претходно му кажале дека Москва нема ништо против влезот на Македонија во НАТО.

„Сепак, тоа беше пред настаните во Украина кога НАТО се појави како агресор. После тоа, позицијата на Русија во однос на зголеменото присуство на НАТО,  на Балканот се зголеми. Меѓутоа, тоа не значи дека Москва врши притисок врз Македонија “, вели Никовски.