За Атина, Заев од „ангел“ стана „ѓавол“

Вчерашната изјава на македонскиот премиер Зоран Заев, кој предложи да се отвори и грчкиот Устав „за да се види како Грција води грижа за Грците надвор од земјата“, во Атина беше пречекана со збунетост и со негодување.

„Провокација од Заев: И Грција да го отвори нејзиниот Устав“; „Заев: Промената на Уставот не е решение, го решивме иредентизмот“; „Провоцира Заев: Ненадејно поставува прашање за споредба на грчкиот со скопскиот Устав“; „Предлог од Заев за меѓународен договор наместо промена на Уставот на ПЈРМ – отвора прашање и за грчкиот Устав“; „Заев: Да го отвориме и Уставот на Грција“, се само дел од насловите во грчките медиуми.

„Премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, излезе со проценката дека промената на Уставот на земјата не претставува трајна гаранција за Грција“, пишува државната новинска агенција АНА-МПА на почетокот од текстот.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ излезе со анализа по вчерашните изјави на премиерот Заев, упатувајќи остри критики до македонската страна дека сѐ повеќе зацврстува одредени позиции и „одбива непреведено име, промена на Уставот, промена на името за внатрешна употреба итн“.

„Да се отвори прашање и за грчкиот Устав беше неверојатната провокација од Заев. Не отстапуваат, негираат каква било промена на нивниот Устав, повторно во игра го враќаат Метју Нимиц и ја очекуваат посетата на Никос Коѕијас во втората половина на март“, објави весникот.