Земјите од Западен Балкан треба да се справат со ниската продуктивност и да ги забрзаат реформите, предупреди Европската банка за обнова и развој, бидејќи во спротивното ќе бидат потребни 200 години за да го достигнат животниот стандард на земјите-членки на ЕУ.

Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Црна Гора и Србија имаат слаби институции, корупција и државна контрола над некои производствени капацитети оценува ЕБОР, како што пренесува Ројтерс.

Сегашниот просечен бруто домашен производ (БДП) по глава на жител за шесте земји е само половина од просекот во 11 земји-членки на ЕУ од Источна Европа, како Полска или Унгарија, и само една четвртина понапредните западно-европски членки.

Продуктивноста во приватниот сектор во Западен Балкан изнесува само 60 отсто од онаа на ЕУ, се вели во извештајот на ЕБОР.

Регионот постигна просечен годишен раст од само 1,2 проценти во периодот по финансиската криза во 2009, споредено со 5,3 проценти во периодот пред кризата и доколку се задржи сегашната стапка на пораст, на Западен Балкан ќе му требаат повеќе од 200 години за да ја стигне ЕУ, некаде во 2220 година.

Според едно пооптимистичкото сценарио, стапка на пораст од 5,3, како пред кризата, би овозможило Западен Балкан да се изедначи со ЕУ за помалку од 40 години, до 2053 година.

Извештајот е соопштен на Инвестицискиот форум за Западен Балкан што се одржува  во Лондон.

ЕБОР вчера обезбеди 86 милиони евра заем за надградба на патната инфраструктура во Макдонија.