Младите македонските ракометари  по втор пат убедливо ја победија Русија со 36-27 и утре ќе играат за 5. место на СП во Алжир. Во најлош случај нашите таленти ќе бидат шести во светот што е најдобар пласман што го остварила која и да е македонска ракометна, па и не само ракометна репрезентација на светските пренства за оваа возраст, но и меѓу сениорите. Најдобриот пласман досега беше седмото место на женската сенироска репрезентација на СП 1997 во Германија.

Македонија на средината од првиот дел поведе со 9-5 и потоа постојано ја зголемуваше предноста. Добро функционираше бековската линија со Кузмановски во преден план кој беше и најефикасен во првиот дел со шест погодоци. Секоја шанса одлично ја користеа сите играчи, па и голманот Томовски  се запиша во листата стрелци. Доминацијата во нападот и добрата игра во одбраната, на Македонија и донесе и убедливи десет гола разлика на полувремето (21-11).

Во ист ритам продолжи и вториот дел. Томовски бранеше, Македонија направи нова серија од 4-0 и по 25-11 се беше јасно, па конечните 36-27 се многу реални. Македонија ја запиша петата победа во 8 средби и обезбеди натпревар за 5. место на мундијалот.

Филип Кузмановски беше наефикасен во македонскиот состав со седум гола, Давор Палевски постигна шест, а Мартин Велковски додаде пет гола.

Утре со почеток во 14 часот, репрезентацијата на Македонија во последниот настап во Алжир ќе игра против  Тунис или Унгарија.