Зошто никој од Владата не сакал да го прати Законот за јазици до Венецијанска комисија

Меѓу низата спорни членови на Законот за јазиците има неколку што не само што го кршат Уставот, туку директно го уриваат правниот систем и здравиот разум.

Причината зошто никој од Владата не сакал да го испрати законот во Венецијанската комисија е едноставна: никој не сака неговото име да стои зад аматерски текст, кој како да е напишан од бруцош на Правен факултет.

Дел од членовите во него се спротивни на сите правни модели од англосаксонските, преку континенталните, сè до далекуисточните.

На пример, во членот 22 од Законот има предвидено глоби од 4.000 до 5.000 евра за „органите” и „30 отсто од одмерената глоба“ (1.200-1.500 евра) за „службените лица“ и „одговорните лица“, но она што нема е, ни помалку ни повеќе, утврденост на деликтите.

„Значи, ниту се утврдени и дефинирани, ниту се степенувани по тежина, само се вели дека глобава е за ‘прекршок за непочитување на одредбите на овој закон’. Се надевам професорката по право Беса Арифи е запознаена со темелното начело на секој цивилизиран правен поредок откога постои правото дека ‘нема дело и нема казна без нивна законска утврденост’ (nullum crimen nulla poena sine lege), а и најискрено се надевам дека тоа не го прескокнува да им го предаде на своите студент(к)и, оти тоа и такво начело не само што е дефинирачко за правото (за воопшто да се вика право!) , туку е и суштинско за каква било надеж за реализирање на владеење на правото, уште повеќе за почитување на слободите и правата на индивидуалните граѓан(к)и“, вели професорката Каролина Ристова-Астеруд.

„Во нашиот устав тоа начело ќе го најдете најударно отелотворено во делот ‘граѓански и политички слободи и права’, во член 14 (1), каде што се вели дека ‘никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело (сигурно големата правничка Беса ова не го чита и толкува како основа за утврдување деликти со подзаконски акти, оти не се мисли овде на таков ‘друг пропис’, нели, понизок од закон, па уште за вака сериозна деликвенција, сериозно оглобена) и за кое не била предвидена казна’ (исто, јасно дефинирана и пропорционално степенувана и секогаш врзана за јасно дефиниран деликт)“, смета професорката, која прашува: „Зошто молчи Арифи за ова? Оти до толку елементарно не знае право или нешто друго е во прашање? Исто така, каде се сите оние големи ‘борци за слободи и права’ да ги изразат својата револтираност и протест, барем по оваа неуставна основа? И тие не знаат или ова е ‘непрофитабилно за бизнисот, за нивната индустрија’?“.

„Молчат и пратениците или ‘одвалуваат’ шарени бисери од епски димензии од типот дека ако тие самите не биле правници, за нив не важела пратеничката обврска, во сета своја свест и совест, во сета своја заколнатост, да носат закони кои се во согласност со Уставот. А претходно толку многу знаеја и за уставниот поредок, и за ‘своите’ слободи и права по тој устав, и за владеење на правото, и за слобода, и за демократија, ма за сè! Но, нели, кој експлицитно, кој со молчење, кој со дефокусации и релативизации, си се тераат мега лажги дека Закон за јазици 2018 е уставен, ма и нема никаков правен и правно-животворен проблем, ма чист како солза, па и за ова, ма мала ситница. А и не е дека умислената глоба во Законот не страда од истата хронична скараност на нашиот правен поредок во однос на пропорционалноста меѓу делата/деликтите (особено за прекршочните) и казните, на што и во други контексти сум укажувала, па и за овој. Сè повеќе ми се чини дека ние воопшто не ја разбираме пропорционалноста како клучна за правдата и за правичноста, а и која е и во што се состои правната филозофија зад член 11 (2) од Уставот, инаку сосема заборавен во осмислувањето и спроведувањето казнени политики.

Имено, дека дури и диспропорционалното и драконско финансиско казнување и за физичките и за правните лица, скраја на недефинирани и нестепенувани деликти, може да достигне степен на ‘нечовечко’ или ‘понижувачко’ казнување, а како се тера и замислува со овој закон, и на ниво на ‘измачувачко’, иако секој ваков облик на казнување е забранет токму по овој уставен член“, пишува експратеничката на СДСМ, која принципиелно и остро се спротивстави на антиуставниот закон на својата партија.