Илона Захариева, бизнисменка и претседателка на здружението „Камен мост“ на Македонците од Италија во разговор за expres.mk со порака од гратчето Канели дека „Македонија мораме да ја одбраниме по секоја цена!“.

Повод за реакцијата на добитничката на медал за заслуги за Република Македонија од претседателот Ѓорге Иванов меѓу првите активисти од дијаспората во 2013 година е изјавата од премиерот Зоран Заев дека Законот за употреба на јазиците мора да се донесе до крајот на неделава.

„Денеска испративме отворено писмо до Мицкоски од повеќе држави, а до вечер ќе испратиме и до пратениците на СДС. Освен тоа што Законот е неуставен, тој ги става во подредена положба сите други малцинства. Зошто Албанците треба да бидат попривилегирани од Ромите или од Турците, на пример? Во секој случај, првата забелешка е дека со инсистирање на таков закон Албанците изразуваат тотално непочитување на државата во која живеат. Во Италија за да земеш државјанство мора да поминеш тест за познавање на италијанскиот јазик.

Закана со оружје заради остварување какви било права од кое било малцинство, партија или кој било друг нема да помине во ниедна демократска земја. Албанците мора да научат еднаш засекогаш да избегнуваат дејствување преку закани и уцени. Тоа ќе биде наше оружје пред меѓународните институции“.

Како ќе реагирате ако парламентарното мнозинство, сепак, го донесе Законот?

„Веројатно, ќе се организираме за општа граѓанска непослушност и ќе продолжиме да притискаме во меѓународните институции. Ние веќе испративме писмо до Талат Џафери со одредени барања. Ако, сепак, се случи изгласување, ќе бараме оставка од Заев и попис. Нема да го премолчиме ова, сигурно!“

Македонците од Италија беа дел од протестите низ целиот свет за одбрана на уставното име на татковината и на македонскиот идентитет и јазик. Планирате ли и други собири?

„Пјаченца веројатно ќе биде првиот. Сето тоа бара огромна работа и координација. Деновиве, сепак, повеќе се посветивме на законот за двојазичност“.

Колку Македонци живеат во Канели и во околината, а колку по Ваша проценка во цела Италија? 

„Во Канели има околу 1.000 Македонци (од 10.459 жители – н.з.), во областа Пиемонте околу 8.500, а во Италија официјално околу 90.000“.

Како сте организирани и има ли меѓу вас разлики околу начинот на кој Владата на Заев го решава прашањето со името?

„Засега имаме само едно здружение и една црковна општина, со оглед на тоа дека станува збор за млада дијаспора. Последнава година се појавува интерес за помасовно организирање и за таа цел на 15 април ќе одржиме јавна трибина.

Инаку, нормално е дека не се согласуваат сите Македонци со тоа што го работиме во врска со протестите, но тие се многу мал дел. Од друга страна, многумина не излегуваат на протести од страв да не им забележат италијанските власти“.

Каков третман имате како Македонци од италијанската држава?

„Македонците овде се многу почитувани од месното население, но и од институциите, посебно во овој дел на Италија. Градоначалникот е секогаш достапен, а достапни ни се и сите други институции. Секогаш нè канат на сите позначајни случувања. Не е фалење, туку само забелешка, кога одам на собири или на трибини секогаш сум претставена како авторитет поради функцијата претседател на здружението ‘Камен мост’“.