ИРИ: ВМРО ДПМНЕ со помалку гласови од СДСМ, ДУИ и БЕСА заедно

Доколку има предвремени парламентарни избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27 отсто од испитаниците, 17 отсто за СДСМ, по 7 отсто за ДУИ и за Беса

Мнозинството граѓани на Македонија ќе гласаат на локалните избори, а најголема поддршка би добила ВМРО-ДПМНЕ, а по неа СДСМ, ДУИ и Беса, покажуваат резултатите од анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведена преку интервјуа лице в лице врз репрезентативен примерок од 1.108 граѓани во периодот од 4 до 12 март годинава.

На прашањето колку сте расположени да гласате на претстојните локални избори, 61 отсто од испитаниците рекле дека се многу расположени, 21 отсто се расположени, а пет отсто нерасположени за гласање.

Од испитаниците, 28 отсто би гласале за ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, 16 отсто за СДСМ, ДУИ би го поддржале 8 отсто, Беса 7, „Алијансата за Албанците“ и ДПА по 2 отсто, ГРОМ и ЛДП по 1 отсто.
Четириесет и четири отсто од испитаниците сметаат дека треба да има предвремени парламентарни избори, 41 отсто дека не треба, а 15 отсто не знаат.

Доколку се одржат предвремени парламентарни избори, 59 отсто од испитаниците би биле многу расположени да гласат, 18 отсто би гласале, а 7 отсто не се расположени да гласаат.

 

За ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори би гласале 27 отсто од испитаниците, 17 отсто за СДСМ, по 7 отсто за ДУИ и за Беса, а по 2 отсто за „Алијансата на Албанците“ и за ДПА.

На прашањето кои се двата најсериозни проблема со кои се соочува Македонија, 45 отсто од испитаниците одговориле моменталната политичка состојба и политичката криза, 37 отсто ја истакнале невработеноста, 23 отсто лошиот стандард на живеење, а 18 отсто економската криза. За 7 отсто проблем е националното неединство предизвикано од тиранската платформа, а за 6 отсто интеретничките односи.