Прво и најважно е да знаете дека откажувањето е тешко, но не и невозможно. Милиони луѓе низ светот секоја година се откажуваат од оваа штетна навика. Потребно е да имате силна мотивација, волја и да бидете упорни.
Најчесто пушачите успеваат целосно да се ослободат од цигарите по неколку обиди. Можеби вие ќе бидете дел од оние кои што успеале од прв пат, но ако не сте, не се разочарувајте и не се предавајте.


Еве што треба да направите за да се подготвите за оваа голема промена во вашиот начин на живот:
Бидете оптимисти за вашето решение. Избегнете ги негативните мисли дека откажувањето е тешко, затоа што тоа може да ве стави под стрес уште пред да почнете.
Набројте ги сите причини кои влијаат врз вашата одлука да станете непушач. Кога ќе ги напишете на лист сите причини (здравствени, финансиски итн.), ќе имате идеја што ќе добиете ако се ослободите од овој порок.
Изберете силна причина поради која сакате да се откажете. Најчесто фактите дека пушењето е штетно за здравјето не се доволни за да ве задржат подалеку од цигарите. Потребно е да имате моќна лична причина.

Можеби тоа ќе биде вашата желба да ги заштитите своите најблиски од последиците од пасивното пушење, стравот од рак на белите дробови или желбата за подобар изглед на вашето лице и заби. Изберете си причина која ќе биде доволно силна за да ви ја убива желбата за уште една цигара.
Започнете со промените во начинот на живот. Практикувајте поголема физичка активност, пијте повеќе течности, не пушете во вашиот дом или автомобил. Сето тоа е добар почеток, кој ќе ве донесе на вистинскиот пат.
Многу е важно да го запишувате секој изминат ден кога можете да се пофалите дека сте непушач. Секој месец, три месеци или година, прославувајте ги.
Ако некогаш подлегнете на искушението, не бидете премногу строги кон себе и не се разочарувајте. Идентификувајте ја причината што довела до вашето посегање по цигарите и наредниот пат кога ќе се најдете во иста ситуација ќе бидете спремни да му одолеете на овој смртоносен порок.