Најдобрите македонски ракометари долго чекаа и на крајот дочекаа за да им се одмаздат на Словенците за поразите во двата последни меча (30:28 во осминафиналето на Светското првенство 2015 во Катар и 29:22 во групата од првата фаза на СП 2017 во Франција).

Само втората победа по таа од 28:27 за петтото место на ЕП 2012 во Србија против „змајчеки“ во седмиот меѓусебен дуел и прва на стартот на ЕП беше изборена со рововска битка во загрепска „Арена“ пред 5.000 навивачи во црвено и жолто.

Дејан Манасков се изнапромашува во првото полувреме, но со головите во второто стигна до вкупно осум, со кои беше најефикасен на средбата од првото коло во групата Ц од ЕП во Хрватска. Капитенот Кирил Лазаров постигна седум погодоци, а далеку зад оваа двојка останаа Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Филип Лазаров и Филип Миркуловски со по два и Филип Талески и Немања Прибак со по еден.

Задутре Македонија за противник ќе ја има Црна Гора, која денеска беше „прегазена“ од бранителот на титулата Германија со 32:19.