Катедра за македонски јазик отворена на Универзитетот во Анкара

Во екот на разговорите со Грција за разликите за името, во кои една од темите е и македонскиот јазик, од Турција дојде абер за отворање насока за македонски јазик и литература на Универзитетот во Анкара.

„Оваа недела се завршени подготовките околу одлуката за лиценцирање на универзитетската програма и отворање на насока за македонски јазик и литература на Универзитетот во Анкара, еден од најстарите и најмоќните универзитети во Турција. Честитки“, изјави Јекта Сарач, претседател на Советот за високо образование на Турција, на денешната средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

„За нас Македонија е многу значајна земја, која географски ни е блиска, таа е земја со која имаме заедничко минато и земја со која имаме културна, историска и духовна блискост. Со цел да им се даде поголем придонес на општествата на двете земји, на полето на високото образование ќе се преземат стабилни чекори за заедничко продуцирање знаење, што ќе овозможи поефикасни и попродуктивни односи меѓу двете земји“, додаде Сарач.

Советот за високо образование на Турција почнал да овозможува стипендирање на школувањето на студенти од голем број земји, меѓу кои и на студентите од Македонија. Група од нив што студираат во Анкара присуствуваа на предавањето на Иванов на тема „Предизвици на високото образование во третиот милениум“ пред членовите на Советот за високо образование на Турција и ректорите од сите државни и приватни универзитети во земјата, вкупно 185 со над седум милиони студенти.