Ковачев: Катастрофа за Македонија ако не се реши името до 17 мај

Ако нема некакво решение за прашањето за разликите околу името со Грција до самитот на Европска унија на 17 мај во Софија, тоа ќе биде катастрофа за Македонија, смета бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

„Ако до средбата во Софија на 17 мај нема решение за името на Македонија, прашање е дали потоа ќе се стигне до некакво решение, па сметам дека за Македонија ќе биде катастрофа ако нема светлина во тунелот“, изјави Ковачев во интервју за бугарската телевизија БТВ, по што нагласи дека мора да се смени сегашното име на македонската држава.

„Македонија не може да не се согласи на промена на името ако сака да стане дел од Европска унија и од НАТО, зошто тоа не е позиција само на Грција, туку видовме пред неколку дена и на претседателот Трамп, кој кажа дека со сегашното име Македонија не може да стане дел од НАТО. Значи, некаква промена во името на Македонија треба да се случи. Оваа недела продолжуваат преговорите во Виена со посредство на Нимиц, Зоран Заев сподели дека во април се очекуваат не една, туку можеби неколку средби со премиерот Ципрас и тука треба да го искористиме убавиот збор на бугарското наречје во Македонија ‘охрабрување’. Да ги охрабриме двајцата наспроти огромниот притисок на кој други играчи се обидуваат да ги подложат, како во Грција со протести во Атина, во Солун, така и во Скопје, тие да најдат сила“, додаде тој.

Според Ковачев, Бугарија исклучително добро го користи инструментот „европска интеграција“ во односите со Македонија, кој работел во нејзина полза.

„Нешта што со децении беа незамисливи, веќе се случуваат“, објасни тој.