Кој лаже за законот за јазици? Заев, Османи или преведувачот на АЛСАТ – М

Професорката Симона Груевска -Маџовска од Институтот за македонски јазик во дебата за употребата на албанскиот јазик на Алсат – М на која гости беа вицепремиерот Бујар Османи и пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски откри спротивни позиции на македонските и албанските партнери во владата.

Груевска Маџовска изјави дека на завчерашната средба со премиерот Заев била информирана дека СДСМ и албанските партнери во владата не разговарале за употребата на албанскиот јазик како службен на цела територија на Македонија ниту за негова надворешна употреба а од вицепремиерот Османи добива сосема спротивна информација.

Османи веднаш на Груевска -Маџовска и реплицираше дека  не кажал како што разбрала професорката и дека за тоа најверојатно е виновен преведувачот кој што симултано во емисијата „200“ на Алсат на македонски ги преведуваше изјавите на вицепремиерот.

Во обид да ја објасни ситуацијата Османи рече дека албанскиот јазик ќе биде службен на цела територија но само на вертикално ниво а не и на хоризонтално односно ќе се користи само во централните институции кои што имаат свои претставништва во локалните власти.

На ова реплицираше пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски кој што го спомена примерот со лековите кои според него наместо да бидат преведени на сите јазици на малцинствата ќе бидат преведени само на албански. Во исто време без никаква потреба во Берово во локалната болница ќе се воведува албанскиот јазик иако таму ретко има пациенти Албанци.

Димовски го запраша Османи зошто во Велес каде што Албанците се четврта по бројност заедница ќе можат да комуницираат со институциите на мајчин јазик но тоа право го немаат Бошњаците и Турците кои што се втора и трета етничка група по бројност во овој град. Османи избегна директен одговор на ова прашање.

Во дебатата професорката Груевска -Маџовска ги запраша Димовски и Османи зшто македонскиот не е  јазик за комуникација на цела територија на македонија со што проблемот нема да постои. За неа е смешно законското решение според кое ако некој граѓанин има проблем со јазикот ќе треба да чека помош од Агенцијата која што ќе се грижи за спроведување на законот за јазици каде што ќе работат само Албанолози но не и експерти за другите јазици.

Законот за јазици е едно од централните прашања на престојните локални избори и тоа е причината зошто македонскиот фактор во владата тврди дека албанскиот нема да стане рамноправен со македонскиот а албанските партии пред своите гласачи се обидуваат да покажат дека успеале нивниот мајчин јазик да го кренат на исто ниво со службениот македонски јазик.