Македонија како балканска Казабланка

Дипломатскиот скандал помеѓу Србија и Македонија за кој се покажа дека бил поради нејасното однесување на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, заврши како „бура во чаша чај“, но дали има и нешто повеќе од тоа?

Бизарната дипломатска драма меѓу двата балкански соседи, која траеше само три дена, започна со кратки вонредни вести на една од скопските телевизии, која обзнани дека персоналот на српската амбасада во Скопје беше итно повлечен на консултации во Белград. Но, по само неколку дена и телефонскиот контакт на премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и средбата на шефовите на дипломатиите Димитров и Дачиќ, работите се вратија „во нормала“ и бурата се стиши.

Ако дефиницијата на дипломатијата е „менаџирање на односите меѓу државите” во добри и лоши времиња, Србија и Македонија неодамна покажаа дека се далеку од совладување на овој древен занает, констатираше на почетокот на септември „Балкан инсајт“ во текстот со провокативен наслов „Македонија стана Казабланка на Балканот“.

Но, темата вчера пак се врати во етерот откако Горан Живаљевиќ, на белградската ТВ Хепи излезе со фантастично тврдење дека на 27-ми април, при упадот на толпата во зградата на Собранието, наводно било присутно и лице од една поранешна југословенска република кој имал намера да го убие Зоран Заев.

Живаљевиќ раскажа дека во парламентот таа вечер бил присутен извесен Игор Југ, симпатизер на ХОС (Хрватски ослободителни сили) кој имал маица со шаховница, а можеби и оружје.

Според неговите зборови, Игор Југ не е уапсен, ниту пак некој од маскираните тепачи. И никој, рече тој не знае каде е Игор Југ, иако „половина од Скопје знае кои се тие”.

Некои македонски телевизии пренесоа снимка од ТВ Хепи на која се гледа човек кој наводно цело време држи рака со пиштол позади грб со намера, како што претпоставува Живаљевиќ, наводно да стрела во тогашниот лидер на опозицијата.

Живаљевиќ, кој беше повлечен од српската амбасада откако беше компромитиран со неговото нејасно присуство во парламентот, праша зошто македонските контраразузнувачки служби не го откриваат овој детал од настаните на 27-ми.