Македонија нема сознанија за присуство на западни агенти во собранието на 27 април

Македонската амбасадорка во Србија, Вера Јовановска Типко, негирала дека македонските власти знаат за агенти на други странски служби во Собранието на 27 април.

Според српските медиуми Типко  не дала елаборација за тоа како транскриптите со разговорите на лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, дошле до српските медиуми.

Таа на своите домаќини им објаснила дека по транзицијата на власта која се случува во Македонија двете земји ќе ги надминат сите проблеми и предизвици.

Типко денеска предпладне била повикана на итен разговор во српското МНР за да ги објасни како се случило да биде прислушуван српскиот разузнувач во амбасадата, Горан Живаљевиќ.

Македонската амбасадорка денеска разговарала со помошник министерот за надворешни работи Горан Алексиќ и шефот кабинетот на министерот за надворешни работи Дејан Златановиќ кои побарале да го информира официјално Скопје дека добрососедските односи можат да се развиваат  само со взаемно почитување. Белград очекува Македонија да има ист однос кон нејзините граѓани и службени лица и кон службениците и агентите на  другите странски служби во земјата.