Македонија останува без амбасадор во ЕУ

Ставот на министерот за надворешни работи Никола Димитров според кого процедурата за упатување на Александар Николовски за амбасадор во Брисел е прекината и за него тоа е завршено прашање значи дека Македонија наскоро нема да има свој претставник на највисоко дипломатско ниво во Европската Унија.

Николовски кој доби агреман од Брисел уште лани пред изборите не можеше да замине во Брисел пред формирање на собраниските тела пред кои мораше да ги брани тезите за својата несудена функција во седиштето на ЕУ.

 

Николоски беше претседател на Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, но и претседател на Делегација на Собранието на Република Македонија во Собранието на Западноевропската унија и собраниската делегација во Парламентарното Собрание на Франкофонијата.

Николоски на новата позиција требаше да го замени Андреј Лепавцов, кој пет години беше амбасадор во ЕУ.

По реакцијата на МНР и одлуката тој да не ја претставува земјата како амбасадор во Брисел се очекува да биде именуван професионален дипломат кој ќе има звање „вршител на должност“ (charge de affairs) се додека за нов кандидат за амбасадор не се договорат владата и претседателот Иванов. Според македонските правила указот за именување на амбасадори го потпишува претседателот на државата во договор со владата и МНР.

Со оглед на нарушените односи меѓу шефот на државата и владата не се исклучува Македонија уште долго да биде без амабсадор во ЕУ но и во други земји каде се испразнети амбасадорските позиции.