Македонците во просек побогати од Србите, Турците, Русите!

Според средната вредност на богатството по возрасно лице, Македонија во европски рамки е пред Србија, Турција, Русија, Молдавија, Белорусија и Украина, е заклучокот од мапата изработена од картографот Јакуб Маријан.

Тој ги користел податоците на швајцарската мултинационална финансиска компанија „Кредит Свис“, која го мери богатството со собирање на вредноста на финансискиот и друг имот, од која потоа се одзема вредноста на долговите. По таа основа, секој возрасен Македонец во просек поседува имот вреден 5.700 американски долари. За споредба, богатството на Србија е 5.300 долари по возрасен државјанин, на Турција 5.100, на Русија 3.900, на Молдавија 2.200, на Белорусија 900 и на Украина само 100!

Од земјите во опкружувањето најбогата е Грција со 55.000 долари по жител, Словенија има 42.000, Хрватска 18.000, Црна Гора 14.000, Бугарија 12.000, Босна и Херцеговина 8.900, Романија 8.300, Албанија 8.400, а за Косово нема податоци.

„Кредит Свис“ за најбогата земја во Европа според овие критериуми го смета Исланд со 445.000 долари по жител, следуваат Швајцарија со 229.000, Луксембург со 168.000, Белгија со 162.000, Норвешка со 131.000, Италија со 125.000, Франција со 120.000, Велика Британија со 103.000 итн.

Јакуб Маријан нагласува дека податоците за некои земји (тие со ѕвездичка на картата) треба да се земат со резерва поради слабиот квалитет на податоците.