Македонци од Австралија сакаат да го купат споменикот на Ќосето

Копретседавачот на Светски македонски конгрес-Австралија, Џим Стефаноски, и Горан Котев покажаа интерес за зачувување на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето и за негово безбедно преместување на друга локација во Република Македонија.

Гласиштата дека споменикот, кој беше донација на Град Скопје, ќе биде или релоциран во бугарскиот град Благоевград или ќе биде уништен во топилница, го поттикнаа СМК-Австралија да ѝ понуди на „администрацијата на Заев“ да го купи споменикот.

„Ќосето му припаѓа на македонскиот народ. Светски македонски конгрес и Македонците од Австралија сакаат да дадат понуда за купување на споменикот за Ќосето да остане во Република Македонија. Не сакаме да видиме тој да ја напушти земјата и сигурно не сакаме да видиме целосно да биде уништен“, изјави Стефаноски.

Отстранувањето на споменикот на македонскиот револуционер во соопштението на СМК-Австралија се споредува со „Кристална ноќ“ во нацистичка Германија, кога беа запалени книги и културни артефакти на еврејската нација.