Професорот Далибор Јовановски од катедрата по историја на Филозофскиот факултет во Скопје важи за еден од најдобрите познавачи на односите Скопје – Атина во историски и реални рамки.
Во мини – интервју за expres.mk тој вели дека за името не и се брза само Македонија која што треба да ги искористи грешките на Грција.
1.
Expres.mk: Грчките плоштади повторно преполни поради името како пред 27 години. Има ли простор за загриженост од протестите?
Јовановски: Иако организаторите тврдеа дека станува збор за милионски митинг, атинската полиција говори за далеку помал број. Сепак загрижува иконографијата на собирот која потсетува на времињата пред балканските војни. Интересно е да се забележи радикалниот говор на светски познатиот композитор Микис Теодоракис. Левичар кој во 1997 година држеше концерт во Скопје во рамки на приближувањето помеѓу двете држави.
2.
Expres.mk: Колку протестите го ставаат премиерот Ципрас во сложена ситуација?
Јовановски: Очигледно е дека Ципрас сака решение или поместување во целиот процес, но со идеите на Нимиц во овој момент тешко е дека брзо ќе се најде компромис. Ципрас го намали значењето на митингот. Можеби е во право, но учеството на претставници од опозицијата на митингот и скриената поддршка на Неа Демократија на истиот ја отежнува неговата позиција во земјата. Од друга страна и Сириза можеби ќе мора да внимава на следните чекори. Сепак догодина има парламентарни избори.
3.
Expres.mk: Можеме ли ние да го искористиме овој непримерен излив на национализам во Грција кој што ги збунува и Брисел и Вашингтон?
Јовановски: Митинзите во Солун и во Атина проследени со иконографија и пораки од минатото може да бидат искористени од нашата влада во полза на нашите интереси, имајќи го предвид фактот што на овие митинзи беа упатени навреди и закани кон нашата дрзава, а имаше и прикриени иредентистички пораки кон Р. Македонија. Ако ги прочитате коментарите во поумерените грчки весници, владата во Скопје има широко поле за дејствување по двата митинга. Во политиката и дипломатијата нема емоции. Ја користите грешката на другиот.
4.
Expres: Колку на Македонија и одговараат геостратешките и регионалните трендови во моментов? Само нам ли ни се брза кон Брисел?
Јовановски: Грција има проблеми со Македонија, Албанија и Турција. Од друга страна соседна Бугарија по договорот со Македонија нема отворени прашања со соседите. Таа е фактор на стабилност во регионот во очите на другите. Грција го загуби приматот што некогаш го имаше. Ципрас тоа го знае. Читајте ги грчките аналитичари и многу нешта стануваат јасни. Не е само Скопје тоа што брза, и на Атина не и се тапка во место. Борисов промени многу работи колку и да не сакаме тоа да го признаеме или видиме