Мицкоски: Споменикот на Ќосето повторно ќе биде поставен

„Едно е сигурно, ќе дојде ден овој споменик да биде поставен на местото на кое што заслужува, а исто така ќе дојде ден и кога оние кои ова го прават ќе се срамат за своите постапки и во тоа ве уверувам“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во видео-обраќање по отстранувањето на споменикот на Андон Јанев Лазов-Ќосето од пред Судска палата во Скопје.

„Можете да замислите каква е таа политика на омраза со која се посега по рушење на паметници на револуционери само затоа што не се изградени од актуелната власт. Омраза која што заслепува. Рушењето на споменици, секако, не е активност со која се занимава една просперитетна влада, чии погледи се кон иднината, тоа е чин кој го практикуваат ретроградни сили, како ИСИС во Сирија и талибанците во Авганистан. Ако тоа е нивниот репер, тоа не е примерот кој го сакаат и почитуваат македонските граѓани. Се што е изградено е направено да им служи на македонските граѓани. Секој паметник останува за историјата и е израз на почит кон личностите кои оставиле трага, а работата на историчарите е да ја оценуваат и вреднуваат нивната улога.

Ние не смееме да станеме држава која се срами и ги нагрдува своите херои. Јас одбивам да ги споделувам таквите вредности“, порача лидерот на партијата што освои најмногу пратенички мандати на последните парламентарни избори.