Могерини на горка вечера со најнестабилното балканско раководство во историјата

Европската претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика Италијанката Федерика Могерини вечерва ќе има исклучителна тешка задача да ги гасне сите огнови кои што можат да избијат на масата на која ќе бидат собрани западно балканските премиери и македонскиот мандатар Зоран Заев.

Могерини пред себе ќе има 6 лидери од кои најмалку 3 се во опасност или сигурно ќе ги загубат своите премирски позиции за помалку од два месеци. Единствениот кој што и понатаму ќе владее барем 4 години е српскиот премиер во заминување Александар Вучиќ кој што наскоро ја презема претседателската функција а во исто време важи за неприкосновен лидер на Србија со освоени 55 % од гласовите на последните претседателски избори.

Во Албанскиот блок гости се Еди Рама  и Иса Мустафа кои што по јунските парламентарни избори можат да се збогуваат со премиерските фотелји. И во Албанија и на Косово анкетите покажуваат дека Социјалистите на Рама и Демократска лига на Косово на чие чело е Мустафа можат да ги загубат изборите.

Од Црна Гора во Брисел доаѓа премиерот Душко Марковиќ од Демократската партија на социјалистите но и тој иако е избран на премиерската функција пред само 6 месеци нема гаранции дека поради политичките турбуленции може да остане подолго на власт во најмалата балканска држава.

Иако Зоран Заев кој во Брисел е повикан како мандатар на местото на техничкиот министер Димитриев теоретски и тој може да ја има судбината на Рама и Мустафа доколку не успее да направи влада или ако поради непостоење договор за албанската платформа Македонија наскоро повторно оди на предвремени избори.

Во случајот со претставникот на БиХ претседавачот на Советот на министри Денис Звиздиќ никој и не очекува цврсти гаранции за договореното затоа што моќта во Босна секогаш е во рацете на лидерите на политичките партии а не на највисоките претставници на федерацијата.

Со други зборови вечерашниот состанок во Брисел на кој Могерини најави дека ќе се зборува за актуелната состојба во регионот, за тоа како ЕУ да ги зајакне можностите и перспективите за добрососедските односи на Балканот и како да се развие инклузивно општество и владеење и жива економија, е ништо повеќе од добра прилика за сликање.

Практично ниту еден од поканетите не може да гарантира дека на среден и долг рок можат да го спроведат договореното.

Могерини денеска на прес-конференција во Брисел рече дека Западен Балкан е регион кој е клучен за ЕУ, поради безбедноста, превенција на радикализацијата, како и поради менаџирањето на бегалците и границите.

„Јас често велам дека не треба да зборуваме за перспективата на овие земји за влез во Европа бидејќи тие се во Европа. Треба да зборуваме за перспективата за нивни влез во ЕУ и токму тоа е тема на денешната вечера“, рече Могерини.

Таа вели дека ЕУ е посветена да работи блиску со сите шест земји од Западен Балкан, но како што вели, не да работи за нив, туку со нив.

„Неодамна, имаше некои потешкотии, но и некои охрабрувачки чекори, па секогаш е добро да се сретнат и сите заедно да разговараме за чекорите што ќе ги превземеме за во иднина. Ова ќе биде одлична можност за да изградиме подобро регионално разбирање и како да работиме на патот кон Европската унија заедно“, рече Могерини.