НАТО до април ќе го подготви извештајот за напредокот на Македонија

Северноатлантскиот пакт (НАТО) во рамките на подготовките на самитот во јули следната година ќе подготви извештај за напредокот на Македонија, Грузија и Босна и Херцеговина, кои сакаат да му се придружат на сојузот, решија министрите за надворешни работи на земјите членки на дводневниот состанок во Брисел.

Извештајот ќе биде подготвен до нивниот нареден собир во април, соопшти генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Самитот на кој Македонија претендира да стане 30. членка на пактот ќе се одржи на 11 и 12 јули во главниот град на Белгија. Во чекалницата на НАТО, позната како „Партнерство за мир“, таа влезе на 19 ноември 1995 година, а на 19 април 1999 година го почна првиот акциски план за членство, во исто време со Албанија, која на самитот во Букурешт 2008 стана членка заедно со Хрватска, а Македонија извиси поради ветото од Грција.