Најавени протести за пресудите за „Диво Насеље“ и во други градови

Незадоволните од пресудите на Основниот суд Скопје 1 за случајот „Диво Насеље“ преку свој Совет, составен од пет субјекти, најавуваат ширење на протестите и во други градови.
Советот, кој го сочинуваат Форум за човекови права и слободи на Идриз Синани, Здружение на ветераните од војните на УЧК на Даим Хисени, Здружение на жртвите на политички прогон на Шптим Положани, Здружение на албанската култура во Македонија на Блеона Брао и семејствата на осудените од т.н. кумановска група, реши да формира потсовети во другите градови. Активностите ќе се координираат со Тирана, со Приштина и со албанската дијаспора.
Советот наскоро ќе излезе со агендата за организирање протести, одредувајќи ги денот, времето, местото и градот во кој ќе се одржат протести.
„Остануваме на барањето за создавање цврсти законски механизми, за демократска меѓународна истрага, како и за целосно расчистување на случајот. Повикуваме на мирни и достоинствени протести, со поддршка и со вклученост од целата земја, без оглед на партиската или на верската припадност, без оглед на регионот и провинцијата, како и да се користат само чисто албански национални симболи и транспаренти во врска со правдата и слободата на сите оние зад чиишто пресуди стои политикатата според сценарија составени во антиалбански кујни. Секаков вид организирање протести надвор од Советот ја нема нашата поддршка и не ја преземаме одговорноста за последиците што можат да произлезат“, порачаа од Советот.
За утре се најавени протести во Гнилане и во Пеќ, за задутре во Приштина и за в недела од 13 часот во Виена.