Некои сега се сетија дека „ѓаволот ја однесе шегата“

Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски на својот Фејсбук профил потсетува дека уште во 1992 година предупредувал на опасноста од грчкото инсистирање за промена на името на Македонија и во таа прилика за весникот „Нова Македонија“ од 30 јуни 1992 (стр. 3) напишал:

„Во ставот дека Република Македонија може за интерна употреба да се нарекува како сака, но дека за светот ќе мора да го смени своето име се крие ужасна ароганција и хипокризија.

Тоа е како некому да речете дека може себе си да се нарекува како сака, па дури да се смета за импереатор, но дека во стварноста ќе биде третиран како роб, поданик или послушник. Таквиот однос е неодговорен. Европската заедница ќе нè признае онака како што сме според Уставот (Република Македонија) или, во спротивно, подобро е воопшто да не нè признаваат.“

Она на кое тогаш предупредував, пишува сега Цуцуловски, во меѓувреме, ескалираше. Денес, за жал, на Република Македонија ѝ се наметнува име за општа употреба – како за надвор, така и внатре.

Конечно, кога апсурдот оди кон својот врв, некои се сетија (како, на пример, МАНУ) дека ѓаволот ја однел шегата и почнуваат да реагираат. Само, да не е малку касно, бидејќи сега на дневен ред се Тиранската платформа, Законот за јазиците, Договорот со Бугарија…