„Нема оставка“ му скандираа на Груевски сопартијците пред Влада

Повеќе илјади членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот протест пред Владата за притворањето 36 лица за тероризам му скандираа „Нема оставка“ на лидерот Никола Груевски, кој вчера го најави тоа.

Груевски, кој порача дека 14,5 години на таа позиција се борел за партијата, но и за државата, се фокусира на барањето слобода за притворените.

„Владо Јовановски, Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Митко Чавков, неговите колеги и многу други граѓани не се терористи. Не се терористи! Тоа е лажно обвинување. Шесте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата не се терористи. Тоа е лажно обвинување, тоа е неправда. Тие само беа на своето работно место во Парламентот и никого ниту убија, ниту повредија. Бараме слобода за патриотите. Бараме слобода за неправедно притворените. Потребно е национално помирување, потребно е да се запре со неправдите, да запрат политичките прогони. Да запрат хајките и местенките, притисоците и заплашувањата. Да запрат неправдите во Македонија“, рече експремиерот.

„Оваа марионетска влада дојде на власт, не вадејќи го зборот правда од уста, а еве шест месеци сите ние – Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите, сите граѓани на Македонија – секојдневно гледаме многу неправди, кои болат, фрустрираат, кои создаваат бес, незадоволство, но и многу штети. Иако се ангажираше цела армија на платени луѓе од народни пари, секојдневно преку медиумите или социјалните мрежи да ги оправдуваат чекорите на оваа марионетска власт, иако Зоран Заев назначи и министер за пропаганда, иако медиумите се под силна закана и најголем дел од нив замолкнати за давање критика, сепак, за неправдите се говори секојдневно, бидејќи се чувствуваат секојдневно“, додаде тој.

„Ние од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата можеби сме најмногу изложени на неправдите од оваа власт, но не се поштедени ни многу други граѓани, а најмногу штета има државата, нашата заедничка Република Македонија. Ветуваа правда, а сега имаме реваншизам и тонење на економијата, на општеството, на моралните вредности. Сите тие неправди сакаа да ги оддалечат од мислите на народот со одвлекување на неговото внимание, со оцрнување на опозицијата, измислување спинови и афери, лаги и конструкции, верувајќи дека така може да го истераат целиот мандат“, рече Груевски. „Зборуваат за правда, а неправда на секој чекор. Заробената држава ја крши храброста на луѓето, а стравот станува секојдневие. Луѓето се исплашени, уценети, го потиснуваат своето мислење, затоа што во Македонија почнува да се казнува слободната мисла, а на љубовта кон татковината се гледа како на грев за кој почна да се оди и во затвор. Животот никаде го нема, а неправдата и прогонот стануваат име и презиме во секоја област“.