Никој не ги смета Славомакедонците за антички, вели албански професор

Албанскиот професор Џелал Зејнели порачува дека „идентификацијата на словенските Македонци со античките Македонци не е поддржана од ниту една европска држава“.

Во својата последна колумна во косовскиот весник „Бота сот“, осврнувајќи се на историските претензии кон Македонија и нејзините тогашни позиции, тој смета дека „единствена што го поддржува таквиот квазиприказ е Турција, бидејќи е во историски конфликт со Грција“.

„Спорот околу името меѓу Скопје и Атина зборува за кризата со идентитетот на словенско-македонскиот народ. И овој народ со контроверзен идентитет, од 1945 година до денес, со помош на Белград, водеше дискриминаторски и рестриктивни политики кон Албанците“, пишува Зејнели.

За него, владеењето на Никола Груевски уште повеќе го искомплицирало решавањето на името.

„Сега е во интерес на Атина и на Скопје, но и на целиот регион, да се реши проблемот што е можно поскоро и рационално. Решението за ова прашање за Македонија претставува перспектива, ја зголемува нејзината стабилност и овозможува подинамичен економски развој. Несогласувањето околу решението може да го претвори во Гордиев јазол што никој нема да го реши освен мечот на Александар Велики“, завршува Зејнели.