Многу природен раст и подобрување има нашата машка одбојкарска селекција во последниот период што најдобро се гледа од настапите во Европската лига. Пред 3 години полуфиналисти, во последните две игравме и губевме финалиња во Валбриж и Варна, па логиката вели дека созреваме за првиот трофеј во вака важно натпреварување. Овој пат завршниот тунир е во Данска, но тоа за сега не е наш приоритет. Ние во моментов сме посветени само на првиот од двата квалификациски турнира што се игра во Скопје и на кој од денеска се среќаваме со Азербејџан, Албанија и Шведска. И тоа по тој редослед.

“Само не смееме никого да потцениме. Подобри сме од сите и ни треба само добар скаутинг и мислам дека можеме да дојдеме до три победи. Нас не очекува и втор турнир следниот викенд во Тирана, но ако овде биде се во ред, таму ни одговара и да завршиме како втори зошто и така одиме на завршницата”, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

Македонија вечерва (19.30) на Кале во Скопје игра со Азербејџан, а од Одбојкарската федерација соопштија дека влезот е слободен и за денеска, и за утре во мечот со Албанија и в недела кога се среќаваме со Шведска.