Османи бара исклучување на медиумите од дебатата за името!

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека клучно за успех во процесот на надминување на разликите за името со Грција е дебатата да не се одвива преку медиумите.

„На ниту еден начин нема да му помогне на процесот преку дебата во медиумите. Затоа треба да ја држиме оваа дебата во рамки на преговарачките тимови, а во моментот кога ќе имаме начелно некоја согласност, тогаш можеме да излеземе во јавноста и да побараме мислење од граѓаните и од другите општествени слоеви“, изјави Османи пред отворањето на националната трилатерална конференција „Евроинтеграцијата на Македонија и иднината на Европска унија“.

„Не велам дека во еден момент нема да излеземе со сите опции, но процесот сè уште не е зрел за да можеме да го изложиме во јавноста. Тие што се обидуваат сега да наметнат различни теми за ова прашање што не се суштествени, се обидуваат да му одмогнат на процесот, а верувајте дека има сили кои не сакаат Македонија да го затвори прашањето и да успее“, додаде Османи.