Патријарх Неофит: Ќе бараме позитивно решение за Македонската црква

На барање на бугарскиот претседател Румен Радев, патријархот на Бугарска православна црква, Неофит, денеска го прими шефот на државата, а главна тема на разговорот беше писмото од Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

„Патријархот Неофит го запозна шефот на државата со пристигнатото писмо во Кабинетот на Светиот Синод од Македонска православна црква, со кое се повикува на обновување на евхаристиското единство на БПЦ ‘со обновената Охридска архиепископија во лицето на МПЦ’ и го увери во добрата волја од страна на Бугарска патријаршија да бара начини за негово позитивно разрешување. Ова прашање ќе се дискутира на состанокот на Св. Синод на БПЦ, а темата за автокефалноста на Македонска православна црква ќе биде разгледана и со останатите помесни православни цркви“, соопшти кабинетот на бугарскиот претседател.

„За време на средбата беше истакната важноста на потпишаниот билатерален Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија, кој ја зајакнува меѓусебната доверба, го поттикнува развојот на билатералните односи и претставува позитивен чекор во процесот на европската интеграција на Република Македонија. Беше нагласено и духовното сродство на Бугарија и на Република Македонија“, стои во соопштението.